Филиповска-Грашковска: ДПИ има капацитет да ангажира вработени и од Годишниот план и преку програмата К-5

Филиповска-Грашковска: ДПИ има капацитет да ангажира вработени и од Годишниот план и преку програмата К-5

Согласно членот 14 од Законот за инспекциски надзор, со инспекторатот раководи директор на инспекторат, кој го именува и разрешува Влада во согласност со законот. Така што директорите на инспекторатите се именуваат и разрешуваат на владини седници од страна на Владата, вели претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска во интервју за МИА во врска со најновите случувања во Државниот пазарен иснпекторат, каде директорот Стојко Пауновски не прифаќа да вработи 35 лица преку програмата К-5, а по што премиерот Зоран Заев најави дека тој ќе биде разрешен. 

Актуелна деновиве е темата Пауновски-Заев, во врска со рамковните вработувања, откако директорот на ДПИ се спротивстави на 35-те рамковни вработувања, со образложение дека инспектори не се потребни во градовите за кои биле прераспределни 35-те лица, во западниот дел на земјата, како и дека истокот е критичен во однос на недостигот на инспекторски кадар. Тој му порача на Заев дека слободно може да го разреши на следната владина седница.

Премиерот, пак, одговори дека очекува од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на Пауновски, кој, иако, како што рече му е пријател, мора да ја почитува хиерархијата.

Николовски и вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби излегоа со соопштение во кое наведуваат дека спроведувањето на решението е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на 237 институции. Процесот бил започнат и досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман. Николовски и Груби во врска со последните прераспределби во ДПИ велат дека вработените се распоредуваат во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува. За нив, додаваат не се потребни дополнителни финансии и тие нема да вршат инспекторски дејности.

Од друга страна вработените во ДПИ во поддршка на директорот Пауновски, организираа петиција, која досега, како што велат ја потпишале над 90 отсто од вработените, која најавуваат дека в понеделник ќе ја достават до Владата.

Филиповска-Грашковска информира дека до неа не е пристингната никаква петција за поддршка на директорот Пауновски. Таа појаснува дека вработувања преку Програмата К-5, нема да направат никаква промена во барањата што ги имаат доставено инспекциските служби согласно нивните годишни планови, ниту во ефикасноста на работењето на инспекторатите, односно распоредувањата на административните службеници според усвоениот План за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, нема апсолутно никаква поврзаност со годишните планови за вработувања на инспекторатите.

Додава дека во годишните планови за 2021 како приоритни се вработувањата во Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Инспекторатот за животна средина, Државниот инспекторат за транспорт и Државниот комунален инспекторат. Според овие Планови, на седница на Влада поминала одлука за одобрување на 104 нови вработувања во сите инспекциски служби во 2021 година, од кои 15 нови вработувања се предвидени за ДПИ.

АКТУЕЛНО Е НЕСОГЛАСУВАЊЕТО НА РЕЛАЦИЈА ПРЕМИЕР И ДИРЕКТОР НА ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ ВО ВРСКА СО 35-ТЕ РАМКОВНИ ВРАБОТУВАЊА. НАЈАВЕНО Е РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПАУНОВСКИ, НЕ ГИ СПРОВЕДУВА ОДЛУКИТЕ НА ВЛАДАТА. НА ЧЕЛО СТЕ НА ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ, ВРАБОТЕНИТЕ НА ДПИ В ПОНЕДЕЛНИК НАЈАВИЈА ВРАЧУВАЊЕ НА ПЕТИЦИЈА ЗА ПОДДРШКА НА ПАУНОВСКИ, ДОСЕГА СЕ ПОТПИШАЛЕ НАД 90 ОТСТО. КОЛКУ СЕ ОПРАВДАНИ НАЈАВИТЕ ЗА НЕГОВО РАЗРЕШУВАЊЕ И КОЛКУ СЕ ОПРАВДАНИ ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА ПАУНОВСКИ?

-Согласно членот 14 од Законот за инспекциски надзор, со инспекторатот раководи директор на инспекторат, кој го именува и разрешува Влада во согласност со законот. Така што директорите на инспекторатите се именуваат и разрешуваат на владини седници од страна на Владата. До мене не е притистигната никаква петиција.

ДО КАДЕ E ПОСТАПКАТА ЗА НОВИТЕ ВРАБОТУВАЊА ВО ИНСПЕКТОРАТИТЕ СПОРЕД НИВНИТЕ ГОДИШНИ ПЛАНОВИ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ЗА ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКОРАТ?

– Новите вработувања на стручен кадар, со одлуката донесена пред два месецa на владина седница се во тек. Зајакнувањето на кадровската екипираност на инспекторатите беше една од нашите заложби и барања, со оглед на тоа дека се важен контролен механизам во делот на спроведување на законите и протоколите. На почетокот на февруари, на барање на Инспекцискиот совет, а во координација и со поддршка од вицепремиерот Љупчо Николовски, Владата донесе заклучок, со кој ги задолжи надлежните министерства, односно Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за политички систем и односи со заедниците со највисок приоритет да ги разгледаат и одобрат Годишните планови за вработување на инспекциските служби за 2021 година на сите инспекциски служби. Во овие планови, како приоритни се вработувањата во Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Инспекторатот за животна средина, Државниот инспекторат за транспорт и Државниот комунален инспекторат. Според овие Планови, на седница на Влада помина одлука за одобрување на 104 нови вработувања во сите инспекциски служби во 2021 година, од кои 15 нови вработувања се предвидени за ДПИ. Министерството за финансии и останатите надлежни министерства постапуваат тековно за секој поединечен годишен план за вработување на сите инспекторати.

ДАЛИ РАСПОРЕДУВАЊАТА НА РАМКОВНИТЕ АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ ЌЕ ВЛЈАЕ ВРЗ ОВИЕ ГОДИШНИ ПЛАНОВИ НА ИНСПЕКТОРАТИТЕ?

– Накусо кажано – не. Распоредувањата на административните службеници кои се распоредуваат според усвоениот План за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, нема апсолутно никаква поврзаност со годишните планови за вработувања на инспекторатите. Станува збор за две различни работи, кои се спроведуваат и преку различни процедури. Овие вработувања преку Програмата К-5, нема да направат никаква промена во барањата што ги имаат доставено инспекциските служби согласно нивните годишни планови, ниту во ефикасноста на работењето на инспекторатите. Потребата од зајакнување на кадровската екипираност на инспекторатите е повеќе од неопходна, особено на Државниот пазарен инспекотрат, кој има капацитет и потреба да ги ангажира новите вработувања според годишните планови и оние што се планирани според Програмата К5 за правична застапеност, со оглед на неговата интензивност во работата. Така што, секој дополнителен човечки ангажман е добредојден за сите инспекциски служби.

КОИ СЕ ЧЕКОРИ СЕ ПРЕЗЕМНИ ИЗМИНАТИОТ ПЕРИОД ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА ИНСПЕКЦИСКИТЕ СЛУЖБИ, ОСОБЕНО ЗА ДПИ ЗА КОЈ ВЕЛИТЕ ДЕКА Е МЕЃУ ОНИЕ СО ПОГОЛЕМ ОБЕМ НА РАБОТА?

-Освен кадровска екипираност, во консултации со инспекциските служби особено со ДПИ, со кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресруси и со Министерството за здравство, во октомври минатата година, Владата ги усовои измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои сите инспекциски служби добија нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД-протоколите.

Претходно, само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добија и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Односно со ваквите измени, се овозможи на инспекторите доколку утврдат прекршување на здравствените протоколи, на лице место да изречат привремена забрана за вршење дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. И ова веќе се применува во пракса.

Дополнително, согласно Законот за Инспекциски совет, се обезбеди зголемување на платите за вработените во сите инспекторати, односно минатата година платите се зголемија за десет отсто, оваа година исто толку и следната година ќе добијат зголемување исто така за десет отсто. Работиме и на обезбедување на подобрување на услувите за работа на инспекторатите во делот на обезбедување нови простории за нивните испостави во целата држава, како што беше случај и со новиот современ објект на Пазарниот инспекторат во Тетово. Интензивно се работи и на дигитализацијата на постапката на инспекциски надзор, со што ќе се модернизира целиот инспекцикси систем, но и ќе се сведе на минимум можноста од корумптивни дејствија и влијание на човечки фактор при планирањето и спроведувањето на надзорите.