МППС: Повеќе од 25.000 семејства го чекаат новиот Закон за социјална и детска заштита

МППС: Повеќе од 25.000 семејства го чекаат новиот Закон за социјална и детска заштита

Претставниците на Македонската платформата против сиромаштијата денеска упатија барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, како и до сите пратеници во најскоро време да биде ставен на дневен ред и изгласан новиот Закон за социјална заштита и детска заштита.

– Сакаме да укажеме на штетноста која директно влијае на една многу маргинализирана група. Повеќе од 25.000 семјества чекаат на донесување на овој закон со кој не се решава проблемот со сиромаштијата, меѓутоа се дава надеж за излегување од кругот во кој веќе многу време се вртат, нагласи Зоран Биковски, претставник од МППС.

Посочи дека, лицата од социјално загрозените семејства се уште живеат со социјална помош во износ од 2.000 денари, наместо, како што рече, истата таа одредба од законот, што се однесува на висината на социјалната помош, да биде заменета со минимален приход што ќе овозможи за едно четиричлено семејство најмалку 9.000 до 11.000 денари доколку нивните деца посетуваат училиште.

– Тоа значи и воведување на образовен додаток, а за семејствата корисници на социјална помош воведување и на детски додаток, наведе Биковски.

Потенцираше дека повеќе од 5.000 семејства чекаат да биде воведена старечка пензија, што ќе им овозможи на луѓето кои немаат исполнето 15 години стаж да имаат право на приход.

– Со измените во законот очекуваме не само промена на стилот на живеење, туку и активација на социјалните служби кои постојат и треба да бидат сервис на граѓаните и да им овозможат на граѓаните, односно на лицата кои се во социјален ризик, да бидат активно вклучени на пазарот на труд и да се прекине овој круг на сиромаштија кој од друга страна го оддалечува граѓанинот од реалниот живот и придонесува за иселувањето и на младите и на постарите од нашата држава, заклучи Биковски.

На прашањето околу тоа дали се информирани што е причината зошто се уште не е ставен на дневен ред и изгласан новиот закон за социјална заштита и детска заштита, Сашко Јованов одговори дека главните кочничари на законот се токму претседателот на Собранието Џафери и координаторот од ДУИ Ејуп Аљими.

– Со оваа прес-конференција сакаме да упатиме порака токму до нив и до сите пратеници да се тргнат од сите политички стеги и токму овој закон да биде ставен на девен ред. Македонската платформа против сиромаштија од 2010 година се бори за воведувањето на гарантираниот минимален прход, истакна Јованов.

Please publish modules in offcanvas position.