Заев – Хамачек: Поддршка од Чешка за членство во НАТО и преговори со ЕУ

Заев – Хамачек: Поддршка од Чешка за членство во НАТО и преговори со ЕУ

Чешка е земја која уште од независноста на нашата земја ни дава целосна, важна и охрабрувачка поддршка за развивање на исклучително добрите односи. Оваа поддршка што доаѓа од Владата на Република Чешка, како и од народот на таа земја, е од исклучителен позитивен интензитет и во меѓународните форуми, особено во Европската Унија, и доаѓа како признание за Република Северна Македонија и за нејзините политики.

 

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба во Скопје со владина делегација на Република Чешка предводена од Првиот заменик претседател на Владата во Прага Јан Хамачек.

Како што соопштија од владиниот кабинмет, премиерот Заев истакна дека Владата на РСМ е посветена на евро-атлантските реформски процеси, на развивањето на концептот „Едно општество за сите“, на македонскиот модел на решавање на добрососедските односи за решавање на најделикатните прашања, како и во однос на придонесот на регионалната соработка меѓу земјите на Западен Балкан.

Чешка во јули оваа година го презема претседателството со Вишеградската група на земјите членки на ЕУ од Средна Европа, и Република Северна Македонија, се додава, е убедена дека и од таму ќе дојде поддршката за одлука за потврдување на датумот за отворање на поглавјата за преговори за оваа година. Силен импулс во таа насока ќе биде и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО кој чешкиот парламент го најави во текот на следните месеци.

-Како посветен партнер на нашата земја во однос на аспирациите за членство во ЕУ, нашите две земји остануваат силно посветени на заедничко решавање на прашањата од особен интерес за Европската Унија, како што е, на пример, мигрантската криза. Силен доказ на оваа заедничка посветеност е вчера потпишаниот Договор за донација вредна околу еден милион евра, која опфаќа повеќе безбедносни сегменти за техничко осовременување и доопремување на неколку организациони единици при МВР, со посебен акцент на миграциската проблематика, рече премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев, се наведува, на средбата ја нагласи определбата на двете земји да го одржуваат и развиваат пријателскиот политички дијалог на највисоко ниво, како и да го поттикнат интензитетот на економската соработка.

Чешкиот вицепремиер Хамачек на средбата со премиерот Заев ја истакна, се нагласува, исклучително важната соработка на безбедносните сили на двете земји на границата, и нагласи дека Република Чешка останува отворена за оваа соработка и за во иднина, дури и кога контролата на границата заеднички ќе ја споделат полицијата на РСМ и европските здружени полициски сили „Фронтекс“.

-Освен оваа соработка, чешкиот вицепремиер ја истакна и соработката меѓу војниците на двете земји во мисијата на НАТО во Авганистан, и нагласи дека досегашниот придонес на Република Северна Македонија во области од интерес на ЕУ, како и напредокот на внатрешните реформи, се силна препорака Советот на министри за надворешни работи на ЕУ да препорача Европскиот Совет да ја потврди одлуката за отворање на поглавјата за преговори со Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Please publish modules in offcanvas position.