Средба на претседателот Пендаровски со шефот на мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

На средбата, како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот,  биле разменети мислења за севкупните состојби во Република Северна Македонија, како и за улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на државата. Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија високо ја цени поддршката што организацијата ја дава за реформите во различни области, а во контекст на европската интеграција на земјата.

Пендаровски на средбата истакна дека Република Северна Македонија е целосно посветена на реформската агенда и очекува натамошна успешна соработка со ОБСЕ во реализација на активностите во повеќе области од интерес на напредокот на државата, особено во областа на владеење на правото.

Пендаровски посочи на улогата и придонесот на мисијата на ОБСЕ / ОДИХР во изборните процеси во изминатите години, вклучувајќи ги последните претседателски избори. Оцени дека со добро спроведените претседателски избори, државните институции покажаа зрелост и овозможија спроведување на изборниот процес согласно европските стандарди.

Амбасадорот Која упати честитки до претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата и ја истакна натамошната подготвеност на ОБСЕ да соработува со институциите во Република Северна Македонија.

Please publish modules in offcanvas position.