Средба на Пендаровски со работната група за придонес при креирањето на Закон за млади

 Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари информативна средба со членовите на работната група за придонес при креирањето на закон за млади. 

Членовите на работната група го информирале Пендаровски за активностите реализирани во изминатиот период и изразиле увереност дека со законот, младите ќе бидат активно вклучени во сите општествени текови од кои зависи европската иднина на државата. Притоа, истакнале дека со законот се обезбедува можност за организирано младинско учество и застапување на политики пред институциите. 

Пендаровски изразил задоволство за процесот со кој се решава ова важно прашање за младите и од постигнатиот консензус во процесот во кој учествуваат претставници од власта, опозицијата, младински организации и подмладоци на политички партии, оценувајќи дека тоа е показател за созревање на едно општество. 

На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, е потврдена заложбата на сите инволвирани страни да придонесат, важните прашања да се носат со заедничка одлука. 

Пендаровски нагласил дека креирањето на успешни политики за младите е возможно само доколку во нив се вклучени младите. Единствено на тој начин, според Пендаровски, може да се креира амбиент и да се промени досегашната тажна слика, младите наместо во својата татковина, да ја гледаат нивната иднина надвор од неа. 

Во мене ќе имате секогаш искрен соговорник и поддржувач докрај да се реши ова прашање, истакнал Пендаровски, охрабрувајќи ги младите да продолжат здружено. 

Во изминатиов период, младите од целата држава имаа можност да ги споделат своите предлози, идеи и ставови во врска со Предлог-текстот на Законот. За таа цел беа организирани јавни дебати во повеќе градови низ државата. Дебатите беа реализирани од работна група составена од претставници од Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики во Собранието, Агенцијата за млади и спорт, Владата на Република Северна Македонија, како и од претставници на младинските организации, Националниот младински совет, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците на политичките партии СДСМ, БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Дебатите беа организирани со поддршка од Мисијата на ОБСЕ. 

Please publish modules in offcanvas position.