Заев: Објавените разговори обид да се наштети на нашата стратешка определба за членство во НАТО

 Објавеното видео со телефонски разговори е дело на структури кои имаат анти-НАТО интереси, кои сакаат да нанесат директна штета на нашата стратешка определба за членство во Алијансата, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

Во дел од разговорите кои се објавени, како што нагласи, се вршени интервенции и се вадени од контекст како што е прашањето на МПЦ. Во останатите, според Заев, тој само ја потврдува определбата на Владата и на државата за евроатлантски интеграции.

-Јас сум жртва на измама на добро организирана структура, која извлекува придобивки од нови тактики, облици и алатки за медиумска дискредитација, најчесто на личности и земји со евроатлантски аспирации. Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот на нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни, рече премиерот Заев.

Според него, не е тешко да се процени дека е така, бидејќи сосема очигледно е дека манипулациите излегуваат од пропагандни медиуми со изразена анти-НАТО ориентација, а во земјава први ја пренеле  медиумски канали кои секој ден шират лаги, и анти-НАТО расположение.

-Во еден дел на објавените телефонски разговори се вршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен и се излекуваат неточни заклучоци. Таков е објавениот дел за прашањето на Македонската православна црква, тоа е дел од разговорите во кои е направена интервенцијата, рече премиерот Заев.

Во останатите разговори, посочи, тој само ги потврдува неговите и заложбите на Владата за стратешките определби на државата.

– Во овој случај мета сум јас. Жртва сум на мојата отвореност и достапност за сите, рече Заев. Посочи дека дека жртви на такви измамнички разговори биле и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, музичарот Елтон Џон,…

Заев најави дека во иднина ќе бидат зајакнати протоколите за безбедни комуникации, а Владата во соработка со партнетите од НАТО ќе изработи план за борба против акции за дезинформирање и манипулирање.

Денешната прес-конференција на премиерот Зоран Заев следува по објавеното видео на Јутјуб од руските „пранкери“ Владимир Кузенцов (Вован) и Алексеј Столаров (Лексус), кои лажно се преставуваат како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Please publish modules in offcanvas position.