Пендаровски: Не очекуваме опструкции од новата грчка Влада

Претседателот на Северна Република Македонија Стево Пендаровски по смената на власта во Грција, не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува, како што вели, малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Северна Македонија.

-Не очекувам пресврт. Очекувам веројатно малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот. Значи да појаснам или преведам – не очекуваме опструкција од новата грчка Влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отварање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно, дека наредниве месеци и години, во рамки на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од Договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки. Имаме посебна комисија формирано која треба да ги означува сите продукти кои излегуваат од северниот дел на Грција и од Северна Македонија и можеби во тој дел ќе бараат поригидна имплементација на договорот, кој е инаку јасен и во тој сегмент, вели претседателот Пендаровски во интервју за Телевизијата N1, за време на неговото учество на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан во Сараево.

Во врска со процесот на пристапување на земјава во ЕУ, тој вели дека е свесен оти Европската унија се бави сама со себе, но дека таа мора да знае дека ние на Балканот сме 30 години во транзиција и мораме да видиме светло на крајот од тунелот.

Тој во интервјуто порачува и дека очекува Северна Македонија наесен да ги почне пристапните преговори за членство со ЕУ.

-Објективно сите ние во Северна Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската унија како целина. Минатата година во Софија на Самитот, ние имаме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме. Ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг Парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не и ние имаме повторно одлложување, вели претседателот Пендаровски.

Тој смета дека ова прашање е екстремно битно за нас. Ние, додава, постојано зборуваме за историски потези, живееме во историски времиња и нормално како стари добри или помалку добри Балканци претеруваме во таа работа.

-Меѓутоа ова беше навистина, последниве година-две, историски период за мојата држава бидејќи ние направивме нешто што не го направил никој во целокупната дипломатска историја на светот. Ние го сменивме името на државата. Претходно имавме друго име, Поранешна Југословенска Република Македонија, меѓутоа сега новото име Северна Македонија важи и внатре во правниот поредок на нашата држава и тоа наиде на значаен отпор кај дел од нашето население, нашите граѓани. Не можам да кажам дека тоа не е точно. Ние постојано му објаснувавме на нашиот електорат, еве јас пред два месеци бев во избори за претседател, кога ме прашуваа, мора ли ова да го направиме, зошто ова го правиме – јас реков, им велев – ние ова го правиме заради Европа, заради нашата перспектива во обединета Европа. Сега велат – кај е Европа? Се одложува за октомври. А, ако се одложи пак за до година? И еден друг податок кој го разговаравме на средбата со црногорскиот претседател Ѓукановиќ – секој нов и следен член или перспективен член на Европската унија преговара подолго од претходниот. Замислете, до овој момент Црна Гора преговара цели 7 години и се уште ги нема отворено сите поглавја, а да не зборувам кога ќе ги затворат сите 35 поглавја, вели претседателот Пендаровски.

Тој прашува каква перспектива тој, или друг балкански политичар може да му понуди на својот народ доколку европскиот процес на придружување, само за преговарање, трае 10 или 15 години.

-Значи Европската унија, знам дека се бави сама со себе, со нивната внатрешна архитектура, но Европската унија мора да знае дека ние сме на Балканот генерално 30 години во транзиција и ние мораме да видиме, ама навистина, мораме да видиме светло на крајот на тунелот“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот го повторува неговиот став искажан на самитот во Сараево, дека внатрешната трансформација на ЕУ и пристапните преговори со земјите-кандидати треба да се одвиваат паралелно.

-Јас коментирав одлуки и во говорот сега, овде во настапот, на некои европски политичари кои заговараат прво внатрешна трансформација на ЕУ, па после проширување. Меѓутоа, Европската унија од својот почеток до денес, секојпат во паралела ги водела тие два процеси. Значи може и вие да дискутирате за внатрешната структура или подобри процедури за решавање на тие проблеми кои очигледно ги имаат, Европската унија не е со 12 членки, има 28, меѓутоа во исто време да се проширува. Ние не зборуваме за полноправно членство на Северна Македонија, па дури ни на Црна Гора која преговара, ниту на Србија која преговара. Ние зборуваме за нас, за шанса да почнеме преговори. Знаете зошто? Затоа што ние, јас тоа го кажувам на многу приеми, на многу форуми, на многу мои јавни настапи и тоа не звучи добро кај некои националисти на Балканот, меѓутоа тоа е факт – ние немаме големо демократско искуство во регионот, посебно Северна Македонија. Ние сме од ‘91 година формална демократија, ние мораме да имаме некој екстерен евалуатор во ликот и делото на неколку стари членки на Европската унија за да можеме во клучните реформи, во правосудството, медиумите, во администрацијата, во политичкиот систем, да направиме такви реформи, следејќи ги најдобрите европски практики. Инаку, сами со себе нема далеку да дотуркаме. Затоа ни треба Брисел и системот на преговори. Значи ние одиме во реформи многу побрзо ако некој од надвор ни вели – ова се европски стандарди и на крајот на процесот мора да штиклира, да каже ова е завршено или ова не е, па те враќа назад. Инаку знаете, ако балканците ги оставиш сами на себе да се реформираат, тој процес ќе трае ужасно долго, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за телевизијата N1.

Please publish modules in offcanvas position.