Деполитизација на БЈБ во интерес на граѓаните

 Деполитизација, целосно исклучување на можноста за политичко влијание, континуирани реформи во насока на целосна професионалност, владеење на правото и етичко однесување се насоките во кои треба да се движи работата во Бирото за јавна безбедност (БЈБ), за да ја оствари основната функција – заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, спречување на вршење кривични дела, прекршоци, одржување на јавниот ред и мир, контрола и движење на престој на странци, гранични проверки и надзор…..

Иако изборот на директор на БЈБ е регулиран со закон и иако покрај општите услови се дефинирани и посебни кои треба да ги исполнува именуваното лице за да се исклучи можноста за какво било влијание, пред се политичко, сепак една од 14-те препораки кои се однесуваа на МВР од ГРЕКО во извештајот за евалуација на Република Северна Македонија, е за измени во начинот на именување на директорот на Бирото.

Директорот на БЈБ, Сашо Тасевски за МИА посочува дека во законот, покрај општите услови, се дефинирани и посебните услови кои треба да ги исполнува именуваното лице за директор, со што се исклучуваат можностите за влијание.

Членот 16 од ЗВР дефинира дека БЈБ како (оперативен) орган во состав на МВР е надлежно за вршење на полициските работи под услови утврдени со Законот за полиција (член 20).

– Условите за избор и именување на директор на БЈБ се експлицитно наведени во член 16 од Закон за полиција. Со Бирото раководи директор, кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија, за време од четири години. Во законот, покрај општите услови, се дефинирани и посебните услови кои треба да ги исполнува именуваното лице за директор на БЈБ, со што се исклучуваат можностите за влијание. Бирото за јавна безбедност како орган во состав на министерството е тело преку кое се реализирааат полициските работи. Според позитивно правните прописи и подзаконски акти по кои постапува Бирото за јавна безбедност, при извршување на полициски работи, највисоко раководно место може да ја има директорот на БЈБ (истата може да се спушти на пониско раководно ниво, но никако на повисоко раководно место од Директорот на БЈБ). Со тоа целосно е исклучено политичкото влијание, појаснува Тасевски.

БЈБ, подвлекува, се стреми кон целосна професионалност на припадниците, континуирано нивно усовршување следејќи ги европските модерни текови.

Реформите се континуиран процес, нагласи Тасевски, и понатаму ќе продолжат преку следење на современите трендови на развој на полициите во регионот и во земјите членки на Европската Унија.

Во текстот Стратегија за развој на БЈБ, објавен во меѓународното научно списание „Безбедност“, меѓу другото директорот на Бирото оценува дека е потребна поефикасна веритикална и хоризонтална координација, како и подобра функционална врска помеѓу организациските единици на полицијата, со цел ефикасно и рационално користење на расположивите човечки, материјални, технички и финансиски ресурски, транспарентно работење и полесен пристап до граѓаните како нивен сервис.

Тој смета дека приоритет е да се зајакнат капацитетите и ресурсите на посебните организациски единици во рамки на крим-полицијата за спроведување истраги за организиран и сериозен криминал, вклучително и криминалистичко разузнавање, финансиските истраги, компјутерскиот криминал, трговијата со луѓе, перењето пари и тероризмот.

– Потребно е зајакнување и на организациските, административните и техничките капацитети за спроведување на ИЛП моделот „Полициско работење водено од разузнавање“ на централно, регионално и локално ниво, смета Тасевски.

Визија на БЈБ, наведува тој, е да обезбеди владеење на правото и етичка и професионална работа на вработените преку развој на концептот на полициско работење водено од информациите, кои во својот делокруг го сублимираат полициското работење во заедницата.

Мисијата е унапредување на полициската служба, која ја ужива довербата на сите граѓани и која гарантира, штити и ги почитува основните слободи и права без дискриминација по која било основа.

–  Можноста за злоупотреба во принцип може да произлезе во користењето на расположивите човечки ресурси. Но, имајќи ја предвид организацијата на Бирото клучните одлуки за развој и рефоми на бирото се носат на состанок на Стратешка група за давање на задачи и кординација. На состанокот на Стратешка група за давање на задачи и кординација учествуваат сите началници на Сектори за внатрешни работи, Регионални центри за гранични работи и миграции и заеднички се утврдуваат приоритетите за работи на бирото се изработува стратешка проценка, се одредуваат најзначајните ризици кои ја загрозуваат безбедносната состојба во поглед на криминалот, нарушувањето на безбедноста и јавниот ред и мир, се информираат раководителите на организационите единици за безбедносната состојба во поглед на криминалот, нарушувањето на безбедноста и јавниот ред и мир, се носат одлуки и слично, појаснува за МИА, Тасевски.

Во однос на деполитизацијата, Тасевски подвлекува дека полициските службеници не смеат да ја користат својата положба во политички цели.

–  Својата евентуално политичка определба можат да ја манифестираат како дел од своите граѓански и политички права надвор од должностите кои ги извршуваат во полицијата, истакнува директорот на БЈБ.

Како позначајни области на развој во БЈБ во Стратегијата за развој на полицијата е и развојот на форензичкиот концепт, базиран врз најдобрите практики и стандарди на ЕУ, со што ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења. Потребно е, истакнува директорот на БЈБ, во тој правец да се зајакнат капацитетите на форензичките лаборатории и одделенијата за криминалистичко технички истраги на местото на настанот, на централно и на регионално ниво.

– Треба да се изгради целосно нова зграда која ќе обезбеди целосна акредитација на форензичките лаборатории на централно ниво, за да се добие акредитација во согласност со ISO/IECI 17025 во областа на ДНК индентификацијата, анализа на дрога, на потписи, како и развој на латентни отпечатоци, стои во текстот објавен во „Безбедност“

Актуелниот директор на БЈБ Сашо Тасевски, е магистер по криминалистика и криминологија, кој од 2001 година од полициските „Тигри“, преку Одделот за обезбедување како виш и самостоен инспектор, во 2015 е на местото началник на ова одделение. Учествувал на голем број конференции, семинари, обуки од област наа безбедноста, антитерористички обуки во САД, Израел ио Турција.

Според анкетниот лист на директорот на БЈБ, неговата вкупна нето плата е 84.679 денари.

Please publish modules in offcanvas position.