Пендаровски на средба со здруженија на заболени од дијабетес: Унапредување на достапноста на третманот за оваа болест

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претставниците на Здружението на лица заболени од дијабетес „Шеќерче – Лолипоп“ од Велес и Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, на која беше истакната потребата од унапредување на достапноста на третманот и воведување иновативна терапија за подобар живот на лицата кои се соочуваат со оваа болест.

– За претставниците на здруженијата, загрижувачки е податокот дека бројот на заболени од дијабетес во Република Северна Македонија е во пораст. Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија, а зголемениот број на заболени од дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна, информира претседателскиот кабинет.

На средбата, како што се наведува во соопштението, беше истакната потребата од подигнување на јавната свест за дијабетесот, промовирање на размена на квалитетни информации и обезбедување на едукација и подобри здравствени услуги за лицата со дијабетес.

Од Кабинетот посочуваат дека претседателот Пендаровски дал силна поддршка на граѓаните кои се соочуваат со дијабетот и додал дека е особено важно да се работи на унапредување на достапноста на третманот и воведување иновативна терапија од страна на релевантните здравствени установи, како и подобрување на здравствените услуги, со цел да им се овозможи поквалитетен живот на нашите граѓани кои се соочуваат со дијабетес.

Претседателот Пендаровски ги охрабрил соговорниците да продолжат со нивните активности и ангажман, со што ќе се направи важен чекор за подобрување на здравствената состојба на лицата со дијабетес во нашата држава. 

Please publish modules in offcanvas position.