Стопирани поштенските пратки од кај нас кон Кина, оттаму пристигнуваат сè уште

Испраќање поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачјето на Кина нема да се врши во наредниот период поради временета забрана за летови кон и од Кина што ја воведоа авиокомпаниите како резултат на ширењето на коронавирусот, информираат од Пошта на РСМ.

Оттаму истакнуваат дека пратките од Народна Република Кина што сè уште пристигнуваат се доставуваат според вообичаената динамика.

– Поради ширењето на коронавирусот во Народна Република Кина, авиокомпаниите што покрај превозот на патници вршат и транспорт на поштенски пратки за Кина имаат воспоставено времена забрана за летовите кон и од Кина. Заради тоа испраќање поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачјето на Кина нема да се врши во наредниот период, објави Пошта на РСМ на својата веб-страница.

Националниот поштенски оператор ги замолува корисниците за разбирање и најавува дека навреме ќе извести за сите промени.

Претходно, дел од националните поштенски оператори во регионот информираа дека престануваат да испорачуваат пратки од Кина, поради прекинатите летови од страна на авиокомпаниите.

Светската здравствена организација на почетокот на месецов соопшти дека примачите на пратки и писма од Кина не се изложени на ризик од зараза од коронавирус.

– Според последните анализи вирусот не живее долго на површината на предметите, како што се писма или пакети, објави СЗО. 

Please publish modules in offcanvas position.