Влада: Да се одложат патувањата и екскурзиите во Италија и во други земји каде има коронавирус

 Владата денеска на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.

Ова се дел од повеќето заклучоци кои Владата денеска на 11. седница ги донесе од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните, а врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со „корона“ вирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Владата, како што соопшти владината прес-служба, му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот, како и соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

На седницата утврден е заклучок Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Овој центар, како што се посочува, ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на коронавирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките, стои во соопштението. 

Please publish modules in offcanvas position.