Сите трошења поврзани со КОВИД-19 отсега достапни на страницата за финансиска транспарентност на Владата

Податоците за сите финансиски и нефинансиски донации, како и податоци за сите исплати од буџетот направени за справување со кризата се јавно достапни на веб страница за финансиска транспарентност на Владата, КОВИД-19 кризата, информираше денеска министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

Алатката е достапна на надградената веб страница и на едно место ги сублимира сите трошења, субвенции, донации и јавни набавки направени за справување со КОВИД кризата.

– Со поврзување на базите на институциите со електронскиот систем на јавни набавки граѓаните, медиумите и сите заинтересирани ќе можат на едно место да се информираат за сите трошења поврзани со КОВИД-19. Одговорното владеење и транспарентност се еден од суштинските приоритети на Владата во изминатите три години и во таа насока е и оваа алатка. Само така се гради систем на доверба во институциите наспроти машинеријата на лажни вести, изјави Поповски.

На веб страницата ќе бидат објавувани јавни набавки направени од институции на централно ниво кои се однесуваат на справување со кризата, податоци за нефинансиски донации од сите институции, податоци за финансиски донации на наменски сметки на генерален секретаријат на Влада и на Министерство за здравство и податоци за сите исплати од буџетот направени како мерки за справување со кризата.

Надградбата на веб-страницата е изработена од компанијата „Нексенс“ и нуди детален преглед на сите донации, извештаи за исплати од буџетот за справуавње со КОВИД-19 кризата, како и информации за сите јавни набавки. Изработката, информираше министерот Поповски, е во соработка и помош со УСАИД, ИРИ и нема да чини ништо.