Филипче: Дваесет и шест проценти од болните со Ковид-19 имаат над 60 години, возрасните и хронично болните да бидат внимателни

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 20 до 28 јуни, споредено со претходната недела, се регистрирани 303 помалку нови случаи со Ковид-19, осум помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени. Изминатата недела има вкупно 860 случаи, што е значајно помалку од 1.000 случаи во просек во претходните три недели. Што значи и минатата недела инциденцата е нешто пониска. RO факторот на преносливост во изминатите десет дена два до три дена е само 1,1, а целиот останат период е 0,9, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека во наведениот период се регистрирани заболени од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 26 проценти.

– Апелирам возрасните и хронично болните да бидат исклучително внимателни. Во последниот извештај 57 смртни случаи има во десет града, осум помалку од претходната недела. Најголем број од случаите биле на возраст над 60 години, а 44 од нив имале претходни хронични заболувања. Во однос на дистрибуцијата по градови најголем број од регистрираните се во Скопје – 46 проценти, Тетово – 13 проценти и нешто повеќе случаи има во Гостивар. Овие градови и натаму остануваат најголемите жаришта во земјава. Во 15 градови за истиот период бројот на новопотврдени случаи е под 20. Спорадични случаи има во повеќе градсови, бројките варираат секаде. Може да се заклучи е дека нема знаци дека има друго потенцијално жариште, потенцира Филипче.

Тој посочи дека оздравени се 447 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 216 повеќе од претходната недела на известување. Тоа, нагласи, е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активните случаи.

– Во последните неколку денови бројот на активни случаи е израмнета, но дали овој тренд ќе продолжи или не, останува да следиме во деновите кои се пред нас. Денеска има нешто помалку случаи и останува да видиме дали е некаква варијација или тренд, рече Филипче.

Во однос на тестирањата, истакна, направени се 68.059 тестирања.

– Стратегијата на широко интензивно тестирање, вклучувајќи и контакти на позитивните по индикација дава резултати. Во просек имаме околу 8.000 тестови неделно. Овој пристап ни овозможува да имаме еден широк увид во состојбата во однос на ширењето на вирусот. Овој систем помага да ја стабилизираме ситуацијата во двете жаришта пред се, во Скопје и во тетовскиот регион, да се задржиме на овој линеарен раст на бројот на случаи. Како резултат на оваа стратегија имаме рана детекција на асимтоматски случаи и нивно изолирање на што интензивно работат сите центри за јавно здравје посебно Центарот за јавно здравје во Скопје, рече Филипче.

Апелираше граѓаните да соработуваат со здравствените работници, да даваат точни податоци за епидемиолошките анкети, затоа што тоа е еден многу битен сегмент за рана детекција на нови случаи.

– Во последните 24 часа се направени 894 тестирања, а регистрирани се 78 нови случаи со Ковид-19. Починати се пет пациенти, тројца од Скопје, еден од Куманово и еден од Струга. Институтот за јавно здравје регистрира 172 оздравени лица. Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.124, бројката на оздравени пациенти е 3.199, на починати е 346, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.579, додаде Филипче.