ДИК ги повикува учесниците на изборите да ги почитуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги повика сите вклучени во изборниот процес да ги почитуваат здравствените мерки, упатствата и протоколите за предвремените парламентарни избори на 15 јули.

– Само така ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, истакна денеска потпретседателката на Државната изборна комисија Дитмире Шеху за време на симулацијата за безбедно гласање со примена на сите мерки и здравствени препораки, што беше организирана од страна на ДИК на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“.

Симулацијата беа поканети да ја следат набљудувачите на изборите, меѓу кои и ОБСЕ/ОДИХР, претставниции на Министерството за здравство, на амбасадите, како и претставници на политичките партии, а присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Шеху изјави дека ДИК со овој настан сака да покаже дека при гласањето ќе бидат почитувани сите подзаконски акти, упатства и мерки за заштита на граѓаните.

Министерот за здравство Филипче смета дека прилично добро е организирана работата и дека ова е еден сигурен процес за апсолутно сите гласачи заради тоа што се се спроведува така како што е пропишано од Комисијата за заразни болести.

-Нема апсолутно никаков ризик. Има услови целосно да се испочитуваат принципите за превентивните мерки и протоколот од Комисијата за заразни болести во целост да биде имплементиран. Верувам дека на самиот ден на гласање, гласачите ќе излезат на гласање не стравувјаќи дека нивното здравје може да биде загрозено, рече Филипче. Предупреди дека мора да се почитуваат мерките и дека сега се останува на свеста и совеста на народот.

-Било каква форма на собир на која нема да се одржува дистанцата и нема да се носат маски е апсолутно ризик како по здравјето на таму присустните така и по здравјето на сите нивни блиски. Верувам дека и во периодот што следи ќе се почитуваат сите протоколи, рече, меѓу другото, Филипче.

Во симулацијата беше опфатен целиот избирачки процес во реални услови, почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место со задолжително носење маска, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, и гласање. Беа прикажани сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странскирте набљудувачи.