Арачиновци 50 денови без струја, се обидоа насилно да влезат во ЕВН

Арачиновци 50 денови без струја, се обидоа насилно да влезат во ЕВН

Ваков беше денешниот револт на жителите од улицата бр.10 во Арачиново кои цели 50 дена немаат струја. Се собраа кај канцелариите на ЕВН во Бутел и инсистираа на средба со директорот.

Скандирајќи се приближија до главниот влез каде наидоа на припадници на приватното обезбедување ангажирани од ЕВН. Директорот на оваа филијала се согласи да се сретне со само тројца жители под услов разговорот меѓу нив да се одвива без присуство на камерата на Алсат. Жителите тоа не го прифатија. Ситуацијата ескалираше и толпата се обиде насилно да влезе во просториите на ЕВН.

За кратко време дојде полиција која заедно со обезбедувањето застанаа пред главниот влез за да ги спречат жителите насилно да влезат.

Арачиновци велат дека добиваат високи сметки кои редовно ги плаќаат, но и покрај тоа, немаат струја.

„Не јадам леб за да платам струја. Денеска веќе 50 денови, 50 денови без струја. Секои 15-20 минути има струја, не повеќе. Овој проблем секако го знаат. Дали струјата ја прекинуваат од таму или ова го прават само затоа што сме Албанци, не знам. Сите сметки можеме да ги покажеме пред камера затоа што сите се платени. Од 24 часа само два часа имаме струја.“

„Или да ставиме оглас дека се продава цело маало и да си одиме од таму, зашто друго чаре за нас нема.“

„Побаравте да дојдат и да ви ги проверат саатите? Побаравме, но само ги сменија часовниците. Не останува ништо друго, само уште името да си го смениме.“

Недостигот на електрична енергија многу од граѓаните ги остава и без вода затоа што повеќето обезбедуваат вода за пиење од бунарите со електрични мотори.

„Кај нас кога снемува струја, снемува и вода. Нè третираат како животни.“

Овој жител на улицата 10 има продавница. Месото и млечните производи, вели, често му завршуваат во ѓубре бидејќи фрижидерите не работат.

„Без струја е катастрофа. Имам 8 фрижидери. Има прехранбени производи, особено во два од фрижидерите. Производите се расипаа. Ги земав и ги фрлив во контејнер.“

На мака се и родителите чии деца мора да следат онлајн настава.

„Не, затоа што немаме струја. Немаме ниту интернет. Не знам, можеби има една недела.“ Каде полните батерии ако немате струја? „Во кола. Ја палам колата само за децата да ја следат онлајн наставата.“

Директорот на филијалата на ЕВН во Бутел ги прими жителите, но под условите што самиот си ги постави. Резултатот беше решение, но не се знае дали привремено или постојано. Од ЕВН за Алсат соопштија дека нивните екипи се соочуваат со проблеми секогаш кога одат на терен за да извршат некоја интервенција или поправка.

ЕВН

„Корисниците на овој дел од селото нелегално се приклучуваат во дистрибутивната мрежа при што цело време предизвикуваат дефекти. Дивото приклучување предизвикува дефекти кои тешко и долго време се санираат, предизвикува материјална штета и загрозување на животот и здравјето на граѓаните. ЕВН Македонија секогаш ги планира капацитетите на потрошувачка според бројот на корисници кои легално со соодветни барања и документација за користење на електрична енергија се приклучени во дистрибутивната мрежа. Според ова, доколку сите корисници се легално приклучени во дистрибутивната мрежа, нема да постои преоптоварување на мрежата и нема да се предизвикува паѓање на дистрибутивниот систем за целиот регион.“

Последни вести

Заман Македонија

ZAMAN.MK ©
1994 - 2020 - СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ.
Забрането е преземање на содржина без претходна дозвола на редакцијата.