Во хуманитарна акција во Кичево донирани храна и средства за хигиена за ранливи категории граѓани

Во хуманитарна акција во Кичево донирани храна и средства за хигиена за ранливи категории граѓани

Во хуманитарната акција, што вчера се спроведе во Кичево, собрана е доволна количина на храна и средства за хигиена, која во пресрет на големиот христијански празник Велигден, ќе им биде дистрибуирана на сиромашни семејства.

Организаторот е презадоволен од одѕивот на граѓаните на кои јавно им се заблагодари што одвоиле дел од своите парични средства, за да им го разубават Велигден на сите кои тоа не можат да си го дозволат.

– Малку е ако кажам „Ви благодарам“ за она што вие го направивте со својата дарежливост. Сите сме горди и имавме една мисла, едно чувство, дека сме подготвени да подадеме рака кога тоа е најпотребно. Благодарност до сите кои ја покажаа својата хуманост и до нашата црква, за целата поддршка што ни ја дадовте. Се надевам дека со доделувањето на оваа помош на нашите сопграѓани и жители во општината, ќе ја вратиме вербата во хуманоста која по малку беше изгубена, изјави Биљана Дејаноска, организатор на акцијата.

Според Дејаноска, подготвени се списоците на семејствата кои ќе добијат помош. Во текот на утрешниот ден, заедно со свештенството, ќе биде дистрибуирана помошта на семејства од градот и околните села.