Објавени се материјалите за државна матура, УСАМ бара дополнителен рок за полагање

Објавени се материјалите за државна матура, УСАМ бара дополнителен рок за полагање

Државниот испитен центар ги објави наставните материјали за испитите од државната матура, кои се скратени заради реализација на наставниот процес во време на Ковид 19. Унијата на средношколци апелира до матурантите да започнат со подготовките за овие испити, додавајќи дека има доволно време.

„Секој ученик може да има пристап до нив и да види што е конкретно извадено од материјалите за испитите на државната матура. Она што го знаеме и го кажавме јавно е дека материјалите за реализација на државната матура во јуни се значително скратени. Силно верувам дека ќе биде многу полесно за нас како матуранти оваа година да се подготвиме“, рече Бленди Ходаи, претседател на УСАМ.

Првиот рок за екстерните испити за државна матура ќе се реализира на 5 и 11 јуни, додека вториот рок во август. Средношколците исто така, бараа дополнителен рок.

„Да им овозможиме друг рок на крајот на јуни. Поточно, од 29 јуни да се реализира втор рок за државна матура. Ова барање го испративме до Државниот испитен центар, добивме одобрение и зелено светло и истото барање е испратено до Министерството за образование “, изјави Бленди Ходаи, претседател на УСАМ.

Државната матура ќе се спроведе за четири испити, два интерни и два екстерни. Во договорот постигнат помеѓу Владата и Унијата на средношколци во февруари, беше договорено и враќање на испитот по естетика-филозофија како втор екстерен испит во средните уметнички училишта.