Образовен асистент поддршка за учениците со попреченост

Образовен асистент поддршка за учениците со попреченост

Исклучителен е напредокот на мојата Вики откако работи со образовен асистент, вели Дарка Трајковиќ (70), баба на ученичка во средното училиште „Киро Бурназ“ Куманово. Ученичката Викторија Трајковиќ е втора година во насоката пекар во Државното средно училиште, Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“.

Во домот во кумановското село Четирце, семејството Трајковиќ е воодушевено од постигнувањата на 16-годишното весело девојче.

– Многу солидно го прифати средното училиште. Нè побараа од инклузивниот тим, ни побараа лекарска документација и ни кажаа дека Вики ќе има асистент. Задоволни сме и од професорите, од кадарот, што не беше случај со основното образование. Сега самата бара да оди на училишта. Во основно, предизвик беше да се одведе на училиште, сега и многу сака да оди, вели со насмевка, бабата на ученичката.

Таа раскажува колку бил тежок патот да се обезбеди асистент и покрај утврдените пречки во развојот, целосната документација од медицинските установи.

– Супер е сега. Весела е. Дури и кога одеа онлајн сакаше да следи настава. Се буди половина час порано, се спрема и се вклучува, вели Трајковиќ.

Викторија одбрала пекарска насока. Ни покажа како се замесува леб. Вредна е и исполнителна во извршување на домашните обврски. Баба и е многу среќна и секоја секунда ја гушка Вики. Ја одгледала од бебе, нејзин старател е кој несебично се вложува.

– Напредокот е очигледен поубаво пишува, почна да чита и сега ќе учи како да користи пари. Во текот на годините ја подучуваа братучедите, вели Дарка.

Специјалниот едукатор и рехабилитатор м-р Ани Стојчевска, во училиштето вели дека Вики е добро воспитана ученичка, која се труди и покажува успех. Поради условите во училиштето, кое темелно се реконструира, Вики со асистентот оди два дена и работат индивидуална програма во спортската сала на училиштето.

– Асистентката и ученичката се заедно, работат согласно она што асистентката го добила по секој наставен предмет. Работат математика, треба да го разбере концептот за пари нумерички операции, собирање одземање, вежбаат спојување на слогови, описменување, бидејќи Вики целосно не е описменета има проблеми со дисграфија, дискалкулија, повеќе развојни проблеми. Убаво напредуваат со асистентката. Презадоволна е таа и ние од инклузивниот тим. Асистентката со помош на инклузивниот тим изработува наставни ливчиња и ги дава на Вики и дава домашно е проверува во наставните денови, вели Стојчевска.

Баба ѝ дополнува дека штом се враќа од училиштето веднаш сака да го сработи домашното, за да не заборави. Важно е што е прифатена од соучениците, кои и помагаат.

Трајковиќ порачува дека секое дете со пречки во развојот уште на самиот почеток од образованието треба да има асистент кој суштински ќе работи со нив, а не само да се пуштат учениците низ системот, како што бил случајот со нејзината внука.

Нејзина желба е да заврши и четврта година. Летото ќе оди на пракса, вели Вики весело девојче кое кажа дека професорите често разговараат со неа, ја учат за хигиена при подготовка на тесто, за месење леб.

ИНКЛУЗИЈАТА ПОТРЕБНА НАСЕКАДЕ

Стручниот логопед и лиценциран образовен асистент кој работи со Вики е Марија Милановска. Таа веќе има тригодишно искуство преку проекти. Задоволна е од работата со Вики и генерално од нејзиниот младешки избор за професија за која вели е неопходна хуманост, емпатијата, љубовта и почитта кон човечката различност.

– Да бидеш образовен асистент-воедно се чувствуваш како да си дел од нив. И покрај секојдневните задолженија од наставата, да бидам присутна на часовите, да учиме заедно и да постигнува успех во наставни содржини. Ние истовремено се дружиме, разговараме за ситуациите од секојдневниот живот и како постара од неа низ разговор се трудам што појасно да и ги доловам животните моменти за кои во тој момент водиме полемика. Едноставно, се чувствуваш како да си дел од нив, а и тие од тебе, се поврзуваш и се сплотуваш. Делиме иста клупа, појадуваме заедно, слушаме музика заедно, небаре сме најдобри другарки, вели Милановска.

Таа забележува дека полека јакне свеста и се надминуваат бариерите на јавноста за учениците со посебни образовни потреби. Во училиштето има добра атмосфера за работа. Милановска вели дека успехот на овие ученици е пред сè нивен личен успех.

– Јас ја имам само таа чест да бидам нивна лична поддршка, да ги научам што повеќе, да ги бодрам, да ги почитувам и најмногу да ги сакам. Сакам сите да бидат среќни и успешни, затоа и заедницата треба да им подаде рака, да им се даде шанса да бидат вклучени во сите сегменти низ општеството. Сакам инклузија да постои насекаде, не само во образованието, вели Милановска.

КУМАНОВО АНГАЖИРА АСИСТЕНТИ ВО СРЕДНИ УЧИЛИШТА ПРЕКУ ОПШТИНСКО-КОРИСНА РАБОТА

Во општина Куманово за тековната учебна година преку проектот „Инклузивна училница“ ангажирани се вкупно 15 асистенти, од кои 13 образовни асистенти, двајца лични асистенти на ученици со попреченост во паралелки на македонски и албански наставен јазик. Образовните асистенти се ангажирани во три средни училишта во градов, во „Наце Буѓони“ Куманово, „Перо Наков“ Куманово и ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово. Личните асистенти се ангажирани во „Гоце Делчев“ Куманово и „Перо Наков“ Куманово.

– Услугата – Образовната асистенција во државата со големо задоволство можеме да истакнеме дека произлезе токму од Општина Куманово, кога во 20 години прв пат со оваа социо-образовна услуга аплициравме во програмата-Општинско корисна работа, а подоцна истата се прошири и во останатите општини. Оваа услуга беше препознаена и од страна на државата како позитивна мерка. Општина Куманово во последните две години обезбедува образовни асистенти само за учениците со попреченост вклучени во средните училишта, изјави раководител на сектор за социјална заштита Александар Крстевски.

Од општината велат дека се ангажирани невработените лица кои изгубиле работа за време на ковид пандемијата, долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица корисници на гарантирана минимална помош, корисници на паричен надоместок по основ на невработеност, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца. Овие лица треба да имаат завршено и високо образование професор по одделенска настава, професор по предметна настава. Педагог, психолог, дефектолог (Специјален едукатор и рехабилитатор за лица со попреченост), социјален работник, социолог или слично.

ИНСТИТУЦИИ: НАПРЕДОК ИМА ПОТРЕБЕН ЗАКОН ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Вики е среќничка, смета нејзината баба која вели дека има уште ученици во средно образование на кои им се потребни образовни асистенти. И институциите потврдуваат дека сè уште во некои општини и училишта има недостиг на образовани асистенти. Некои родители самите одат на училиште со нивните деца.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека Комисијата добила една претставка за заштита од дискриминација поради необезбедување на образовен асистент во областа на образованието.

-Предметот до овој момент е со статус „постапката е во тек“ и се постапува согласно одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и деловникот за работа на комисијата, велат од КСЗД.

До Народниот правобранител, родителите на деца со попреченост доставиле осум претставки заради необезбедени образовни или лични асистенти. Од институцијата велат дека потребата од поддршката за децата била потврдена со мислење на стручните тела за функционална проценка по МКФ. И тие се задоволни од зголемувањето на бројот на образовни асистенти за тековната година.

– Согласно претставките кои сè уште пристигаат, а се однесуваат на оваа проблематика, како и следејќи ги состојбите на терен, Народниот правобранител се стекна со сознание дека има ученици за кои не се обезбедени образовни асистенти, иако во тек е второто тромесечие од актуелната учебна година. Народниот правобранител постапувајќи по предмет по сопствена иницијатива, дополнително ќе го открие вкупниот број на ученици со попреченост инклузирани во редовните основни училишта, на територија на целата држава, кои имаат потреба од образовен асистент, а истиот во првото полугодие од оваа учебна година не им е обезбеден, велат од народниот правобранител.

Оттаму постапувајќи по предметите, Народниот правобранител се обраќа до училиштата со ресурсен центар кои се одговорни за доделување на образовните асистенти на основните општински училишта, со барање објаснување, информации и докази за наводите во претставката. Доколку се утврди конкретна повреда на правата, се дава соодветна препорака или укажување со цел преземање на конкретни мерки.

Во две од претставките, барањата се однесувале за обезбедување образовни асистенти во средни училишта, едното општинско средно училиште од Прилеп, а другото државно средно училиште. Во Прилеп, по укажувањата на правобранителот, општината ангажирала асистент за ученикот и обезбедила три образовни асистенти.

Од канцеларијата на Народниот правобранител препорачуваат МОН да ги интензивира активностите за донесување нов Закон за средно образование и да го усогласи со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

– Во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование (образовна асистенција) да биде утврдена како системско решение. Дотогаш, со оглед дека учебната година е во тек, Народниот правобранител препорачува Министерството согласно надлежностите да ги преземе сите мерки заради овозможување на непречено образование и поддршка од образовен асистент за секое дете со попреченост кое следи настава во државните средни училишта кои се под ингеренција на Министерството, додека пак, во соработка со локалната самоуправа да се изнајде решение за учениците со попреченост вклучени во општинските средни училишта, велат од институцијата.

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека со новиот Закон за основно образование, услугата образовна асистенција повеќе не е на товар на семејствата на учениците со попреченост, туку обврска на државата. Лани биле ангажирани 500 образовни асистенти, од септември 720, согласно потребите на родителите/старателите во основните училишта. Лани во основните училишта биле вклучени 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 ученици со посебни образовни потреби инклузирани во редовните средни училишта.

– Со изработката на новиот Закон за средно образование кој е во процедура (изработена е првична верзија која ќе биде проследена до Владата), услугата ќе се воведе и во средните училишта, а во меѓувреме за оваа цел образовни асистенти за средношколци во општински средни училишта се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер, укажуваат од МОН.

Од МОН велат дека потребата од образовните асистенти е голема и се залагаат за усвојување на квалитетно законско решение и негово што поскоро ефектуирање.

 

Последни вести

Заман Македонија

ZAMAN.MK ©
1994 - 2020 - СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ.
Забрането е преземање на содржина без претходна дозвола на редакцијата.