Зехра Ебиби, најдобар студент по математика со просек 9,58

Зехра Ебиби, најдобар студент по математика со просек 9,58

Студиите бараат жртвување, непроспиени ноќи и многу часови поминати во читалница за да се стигне до целта, а наградите се дополнителен мотив да се стигне до целта. Ова е рецепт за успехот на Зехра Ебиби, која беше прогласена за најдобар студент на генерацијата на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

На последното промовирање на дипломираните студенти во текот на 2022 година беа промовирани математичари, инженери по математичка економија, инженер по математичко програмирање, шест дипломирани професори по математика и еден дипломиран професор по математика-физика во основно образование. За најдобар студент беше прогласена Зехра Ебиби, која ги заврши студиите по теориска математика за четири години и пет дена со среден успех 9,58.

- Да бидам избрана за најдобар студент на генерацијата на Институтот за математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје ми беше голема чест, особено многу брзо по дипломирањето. По четири години многу тешка работа, оваа награда беше како шлаг на тортата. За мене, наградата е многу важна затоа што на некој начин е оценет мојот труд и макотрпната работа во текот на моите четиригодишни студии, но истовремено е поттик и мотив за патот напред, поточно за идните студии. Тоа докажува дека во нашата земја се вреднува трудот, иако често го мислиме спротивното - се првите импресии на Зехра Ебиби.

Деновите поминати на факултетот засекогаш ќе ѝ останат во сеќавање на Зехра, а силен впечаток за иднината ѝ оставиле советите од некои професори. Вели дека не се кае што не достигнала просек од совршена десетка.

- Деновите поминати на факултет ќе останат секогаш во моите длабоки сеќавања. Генерално поминав убаво. Најголем впечаток ми оставија советите на некои професори во однос на нашата професија и нашата иднина. За мене, максималната просечна оценка не беше примарна. Најважно ми беше да работам во континуитет, предметите да ги положам навреме и да не доцнам со студиите. Како резултат на ова, успеав да ги завршам студиите на ПМФ за рекордно време од четири години и пет дена, а и со висок просек. Никогаш не ми се случило во текот на студиите да презапишам некој од предметите - рече Ебиби.

За време на студирањето се соочила со различни предизвици, но големата желба за успех и поддршката од најблиските биле посилни и ѝ помогнале да ги совлада сите пречки.

- Во текот на студиите се соочив со различни предизвици и тешкотии. Преселбата од Гостивар во главниот град, оддалечувањето од семејството и просечното познавање на македонскиот јазик беа првите тешкотии со кои се соочив на почетокот на моите студии. Студиите бараат жртвување. Се сеќавам на непроспиени ноќи, часови поминати во читалница и многу други напори... Но, големата желба за успех и постојаната поддршка од семејството ме натераа да ги надминам сите овие тешкотии и секој ден ми стануваше сѐ полесно - раскажува Зехра.

Како истражување или студија, Зехра ја издвојува работата на дипломската работа „Триаголници со целобројни страни и трисектибилни агли“ со нејзината почитувана менторка - професор д-р Валентина Миовска, на која ѝ е благодарна на помошта при изработката на студијата.

- Теоретското знаење и практичното знаење се како две страни на медалот, и двете се еднакво важни. Неопходно е да се разберат двата краја на спектарот. Теоретското учење е она за што е знаењето, а практичната примена е како наученото знаење да се имплементира во одредени ситуации од реалниот живот. Филозофски, знаењето е нематеријално, но практичната примена го направи опипливо со применување на тие вештини во практика.
Како што вели и Гете: „Знаењето не е доволно, мора да се примени. Да се сака не е доволно, мора да се направи“ – истакна најдобрата студентка по математика.

Зехра ја засакала математиката уште во основно училиште, а учеството на различни натпревари уште повеќе ѝ ја зголемило љубовта кон оваа егзактна наука. Таа направи споредба со математиката денес и математиката пред дваесетина години кога ја биеше лош глас дека е досаден предмет.

- Математиката пред 20 години или порано беше потрадиционална. Секој може да се сети на час по математика: наставникот решава задачи на таблата, ученикот пишува. Со текот на годините и со развојот на технологијата се создадоа многу услови за предметот математика да им стане поинтересен и подраг на учениците. Денес има различни игри, интересни задачи и многу различни материјали за многу математички проблеми, доволни се малку волја и желба од страна на наставникот за да ги убеди учениците дека математиката не е досадна – спореди Ебиби.

Како теоретски математичар, смета дека иднината може да се гради и во Македонија, па затоа ќе остане во Скопје одбивајќи ја стипендијата за студирање во Турција.

- Секоја студиска програма е важна и има иднина како секаде во светот, така и кај нас. Работев и ќе работам и во иднина за градење на мојата кариера во нашата земја. Иако добив целосна стипендија за студирање во Турција, решив да останам овде и да се запишам на ПМФ во Скопје. Целта ми е тука да ги продолжам постдипломските студии, се надевам дека ќе ми помогнат и ќе ми го отворат патот за успешен академски живот. Мојата цел е да се занимавам со наука и да го споделам знаењето што го стекнав во текот на моите студии и што ќе го стекнувам и во иднина – вели најдобрата студентка по математика на ПМФ, Зехра Ебиби.


Лектор: Ивана Кузманоска

Последни вести

Заман Македонија

ZAMAN.MK ©
1994 - 2020 - СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ.
Забрането е преземање на содржина без претходна дозвола на редакцијата.