И по повикот на Штајнмаер, ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени

И по повикот на Штајнмаер, ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени

Нема промени во ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, по вчерашните пораки кои од собраниската говорница ги упати германскиот претседател Франк-Валтер Штајнамаер. 

Прашан дали партијата го смета говорот на Штајнмаер за дел од меѓународен притисок за промена на Уставот, пратеникот Бојан Стојановски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не е партија што подлегнува на притисоци.

„Тој вчера го соопшти неговиот личен став. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и своите ставови ги артикулира согласно размислувањата на народот и ние секогаш ќе останеме на позиција на народот на Република Македонија, заради тоа што тоа е суштината на нашето функционирање. Во овој момент, а ниту во моментите што се пред нас нема да има промена на ставот и ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи гласање на уставни измени под овие услови“, рече Стојановски.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Штајнмајер испратил исклучително значајна порака и ги повика сите пратеници, како што вели, да гледаат напред. Според него, од личните и политичките агенди никој во државата нема фајде и оцени дека опозицијата воопшто нема причина за блокирање на процесот.

„Уште еднаш ќе повторам дека, како што кажа и германскиот претседател, не треба самите себеси да се кочиме на патот кон полноправно членство во Европската унија. Сите пратеници во Собранието тоа го должат на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

Германскиот претседател вчера потенцира дека процесот на уставни измени е многу повеќе од тема за собирање партиско-политички поени и дека не е време да се западне во националистички призвуци. Штајнмаер порача да се внесат Бугарите во Уставот за непречено да продолжат преговорите за членство во Унијата.

 

Последни вести

Заман Македонија

ZAMAN.MK ©
1994 - 2020 - СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ.
Забрането е преземање на содржина без претходна дозвола на редакцијата.