НБА се враќа со дербито Лејкерс-Клиперс

Натпреварите во Националната кошаркарска асоцијација (НБА) ќе бидат продолжени со судир меѓу двете најсилни екипи во Западната конференција од почетокот на регуларната сезона, објави вчера Лигата.

Дербито во Лос Анџелес помеѓу Л.А. Лејкерс и Л.А. Клиперс ќе биде вториот натпревар од програмата за денот на 30 јули, кога ќе се продолжи со најпопуларното првенство во кошарка во светот. Пред тоа, екипите на Јута Џез и Њу Орлеанс Пеликанс ќе се сретнат во првиот натпревар од рестартирањето на сезоната.

Остатокот од регуларната сезона и сите натпревари во плеј-офот ќе се играат во три сали во Орландо, Флорида, а новиот шампион во НБА лигата мора да се утврди најдоцна до 13 октомври. Вкупно 22 екипи ќе земат учество во обновувањето на сезоната – првите осум во двете конференции, плус шесте екипи кои не заостануваат повеќе од шест натпревари зад последната позиција, со што се дава право да учествуваат во плеј-офот (8). Така, преостанатите 259 натпревари од регуларната сезона ќе бидат намалени на 88, по што ќе се преселат во фазата на плеј-оф, која ќе се одржи во полн формат. Редовните сезонски натпревари ќе завршат на 14 август, а наредните два дена се резервирани за плеј-оф меѓу екипите на осмото и деветтото место на двете конференции, доколку разликата меѓу нив е помала од четири натпревари. Плеј-офот започнува на 17 август.

Скратениот формат на остатокот од регуларната сезона значи дека веќе шест екипи на Истокот (Милвоки, Торонто, Бостон, Мајами, Идијана, Филаделфија) и исто толку на Запад (Лејкерс, Клиперс, Јута, Денвер, Оклахома Сити Тандер, Хјустон) обезбедија места во плеј-офот. Ова значи дека три екипи (Бруклин, Орландо, Вашингтон) ќе се натпреваруваат за две места во Источната конференција, а уште седум екипи (Далас, Мемфис, Портланд, Њу Орлеанс, Сакраменто, Сан Антонио, Феникс) ќе се натпреваруваат за двете места на Западот.