Меси ќе се жали на затворската казна

Меси ќе се жали на затворската казна

Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси и неговите адвокати најавија жалба до Врховниот суд на Шпанија, на пресудата, со која прославениот фудбалер и неговиот татко Хорхе, беа осудени на по 21 месец затвор.

Синот и таткото Меси беа обвинети за даночна измама и за прикривање на вистинските приходи на играчот на Барселона.

Лионел Меси е казнет и со парична казна од два милиони евра, додека неговиот татко со 1,5 милиони.

Обајцата беа обвинети дека ја оштетиле шпанската државна каса за над четири милиони евра, во периодот меѓу 2007 и 2009 година.

Во изјава за мадридските медиуми, адвокатите на Меси тврдат дека судската пресуда и казната се некоректни . Адвокатите тврдат дека во жалбената постапка одбраната ќе докаже дека таа била во право.

Во текот на истрагата, како и за време на судењето, Меси се бранеше дека не знаел ништо за неговите финансии, затоа што менаџирањето околу парите и неговите приходи му биле оставени на таткото Хорхе.

Во 2013 година, Лионел и Хорхе Меси доброволно уплатија во шпанската даночна управа пет милиони евра, колку што изнесува вкупниот долг кон државата.

Меси само од Барселона годишно заработува по 36 милиони евра. Во изминатите десет години тој има остварен приход од 315 милиони, со што, според американскиот весник „Форбс“ е десетти најбогат спортист во светот.

Медиумите во Мадрид пишуваат дека без разлика на исходот од жалбата, Меси и неговиот татко нема да одат во затвор, затоа што шпанските закони предвидуваат- казни помали од две години , да бидат заменети со условно останување на слобода.