ФК Шкендија реагира на судењето во првите три кола од ПМФЛ

ФК Шкендија реагира на судењето во првите три кола од ПМФЛ

Актуелниот македонски фудбалски шампион, Шкендија како катастрофално го оцени судењето во првите три кола од Првата лига.

Реакцијата на Шкендија ја пренесува во целост:

Сметаме дека на овие три кола сме оштетени со грешките на судиите, како и од одолговлекувањето на играта и константното лежење на противничките играчи во теренот. Без да побараме алиби за резултатите, неопходно е да потенцираме дека катастрофалните грешки на судиите директно влијаеле на финалниот резултат. Судиите исто така имале различни критериуми и двојни стандарди при делењето на правдата, а во текот на целиот натпревар не превземале ништо за да го спречат константното одолговлекување на играта, лежењето на играчите во теренот после секој минимален контакт, како и многу други прекини кои судиите не ги казниле.

Одолговлекувањето на играта и лежењето на противничките играчи во теренот повеќе беше евидентно на натпреварот во гости против Тиквеш, каде наместо 90 минути, фудбал се играше само 60 минути. Противничките играчи лежеа на терен после секој минимален контакт, но судијата не превзеде ништо за да го спречи одолговлекувањето на играта. На натпреварот против Тиквеш, во 77-та минута Шкендија дојде во предност со 0:1, но помошникот судија го поништи голот поради офсајд, иако стануваше збор за автогол. Треба да се наведе дека главниот судија го призна голот, но само тој знае зошто потоа се предомисли и одлучи да го поништи голот. На натпреварот против Ренова во Тетово, при вториот гол на Ренова, во 48-та минута противничкиот играч направи фаул подигајќи ја ногата над главата на Дашмир Елези, судијата дозволи да продолжи играта и на истата акција Ренова даде гол. Поради ова, сметаме дека грешката на судијата влијаеше на крајниот епилог на натпреварот. Одолговлекувањето на играта беше евидентно и на натпреварот против Ренова во Тетово, каде исто така сметаме дека фудбал не се играше 90 минути. Противничките играчи константно лежеа на терен, додека судијата Јован Качевски ниту еднаш не одлучи да превзема мерки против одолговлекувањето на играта.

Истиот судија Јован Качевски ја делеше правдата и на натпреварот во Штип против Брегалница. Се играше 31-та минута кога после асистенцијата на Тимовски, Валмир

Нафиу се најде на акција пред противничкиот голман со 100% шанса за гол. Замислете, противничкиот голман излезе од својот шестнаесетник и директно направи фаул над Нафиу, не дозволувајќи му да даде гол. И кога сите очекуваа црвен картон за голманот, судијата го санкционираше само со жолт картон противничкиот голман. Овој е истиот тој судија кој на претходното коло без причина му даде црвен картон на помошниот тренер на Шкендија. Ако судијата смета дека оваа ситуација не е за црвен картон, тогаш требаше да дозволи да се продолжи играта, а не да суди прекршок. Затоа сметаме дека судијата Качевски употребувал двојни стандарди во текот на судењето. Го прашуваме судијата дали некогаш гледал фудбалски натпревар од најјаките европски лиги, и да види како одлучуваат судиите при овие ситуации?!

Исто така на натпреварот против Брегалница, Бруно Дита во 36-та минута после една соло акција е фаулиран од страна на противничката одбрана внатре во шестнаесетникот, но судијата не досуди пенал. Додека во две други ситуации, над Дориев и Нафиу се направени фаули со удирање во лицето, но судијата не само што не ги казнеше противничките играчи со жолт картон, туку ни фаул не досудуваше.

Фудбалскиот клуб Шкендија очекува во иднина да не се повторат овие грешки и судиите да не бидат главните актери на епилогот на натпреварот и да не влијаат на финалниот резултат. Сето ова со намера да се подигне квалитетот на фудбалот во нашата лига, стои во соопштението на тетовскиот прволигаш.

Утре во 4. коло, Шкендија ја пречекува Македонија ЃП во обид да ја извојува првата победа во тековната сезона.