Челзи има нови газди, Абрамович се прости од клубот

Челзи има нови газди, Абрамович се прости од клубот

Многу брзо Челзи ќе има нов сопственик, откако клубот објави конечна реализација на договорот за продажба на „сините“ на конзорциумот Тод Боли/Клерлејк Капитал.

Конечната трансакција се очекува да се случи во понеделник, со што клубот ќе почне мисија за шампионската титула во Англија, како и во Лигата на шампионите, титули кои ги освојуваше под водство на Роман Абрамович, кој беше принуден да го продаде клубот по руската инвазија врз Украина.

„Фудбалскиот клуб Челзи потврдува дека е склучен конечен и дефинитивен договор за продажба на клубот на конзорциумот Тод Боли/Клерлејк Капитал. Се очекува трансакцијата да биде завршена во понеделник. Клубот дополнително ќе информира за деталите“, се вели во соопштението на Челси.

Досегашниот сопственик Роман Абрамович на емотивен начин се прости од неговиот досегашен клуб, кој беше принуден да го продаде поради руската инвазија.

„Поминаа скоро три месеци откако ја објавив мојата намера да го продадам ФК Челзи. За тоа време, тимот работеше напорно за да го најде вистинскиот сопственик за ФК Челзи кој би бил најдобро позициониран успешно да го води клубот во неговото следно поглавје. Сопственоста на овој клуб доаѓа со голема одговорност. Откако дојдов во Челси пред речиси дваесет години, од прва рака бев сведок на сите успеси на овој клуб. Мојата цел беше да се осигурам дека следниот сопственик има начин на размислување што ќе овозможи понатамошни успеси на машкиот и на женскиот тим, како и волја и желба да продолжиме да ги развиваме другите клучни аспекти на клубот, како што се Академијата и работата на Фондацијата Челзи.

Задоволен сум дека дојде до успешен договор. Додека го предавам Челзи на неговите нови сопственици, би сакал да им посакам се најдобро, и на теренот и надвор од него.

Беше чест цел живот да се биде дел од овој клуб – би сакал да им се заблагодарам на сите минати и сегашни играчи, персоналот и секако навивачите на клубот за овие неверојатни години. Горд сум што како резултат на нашите заеднички успеси, милиони луѓе сега ќе имаат корист од новата добротворна фондација која се формира. Ова е наследството што го создадовме заедно.

Ви благодарам. Роман“, се вели во писмото на Абрамович.