Под мотото „Ајде на фудбал“ денеска на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани се одржа првиот регионален женски фудбалски фестивал, чиј организатор беше Општинскиот фудбалски сојуз на Кочани, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија.
На манифестацијата учествуваа над 130 девојчиња од фудбалски клубови и од основни училишта од Штип, Струмица, Виница, Македонска Каменица, Радовиш и од градот домаќин.
– Главна цел на фестивалот е промоција и унапредување на женскиот фудбал во источниот регион. На пет различни полигони, опремени со реквизити и спортски помагала, девојчињата беа поделени во групи и со нив работеа фудбалски тренери. Освен физичките и тактички вежби, идејата е учесничките од различни градови да се дружат, запознаваат, социјализираат и да го јакнат спортскиот ферплеј. Задоволни сме што токму ние сме организатори на фестивалот, со оглед што во Кочани над една деценија се негува женскиот фудбал и тоа придонесе да имаме клуб кој беше државен шампион и двократен освојувач на националниот куп, истакна Александар Андов, претседател на Општинскиот фудбалски сојуз.
За сите учеснички на фудбалскиот фестивал во Кочани беше обезбедена лична спортска опрема, а во проектот на македонската фудбалска федерација се вклучени и другите региони во државата со слични манифестации чии домаќини се Тетово, Охрид и Битола.