Суперпренесувачи го шират коронавирусот низ светот

Она што е заедничко за сите епидемии е суперширењето, под кое се подразбира поединец да ја пренесе инфекцијата на голем број луѓе.

Овие лица не се виновни за тоа, но тие имаат значително влијание врз ширењето на болеста, јавува Би-Би-Си и додава дека и кај коронавирусот е забележано суперширење.

Би-Би-Си како пример го наведува Британецот кој после престојот во Сингапур, каде најверојатно се заразил, e поврзан со четири случаи во Велика Британија, пет во Франција и еден во Мајорка.

Во просек, секое лице инфицирано со коронавирус заразува две до три лица, некое може да не зарази никого, а некое може да зарази неколкумина.

Сепак, суперширењето има големо влијание врз избувнувањето на болеста.

На пример, голем број случаи на ебола биле заразени од мал број пациенти, а суперширењето доведе до тоа на Блискиот Исток од пациент болен од Мерс да се заразат дури 82 лица.

– Имаше повеќе од 100 нови синџири на пренос на ебола од само еден погреб во јуни 2014 година, соопшти Натали Мек Дермонт од Кралскиот колеџ во Лондон.

Некои само стапуваат во контакт со многу повеќе луѓе – без разлика дали поради работа или местото каде што живеат – а тоа значи дека можат да шират повеќе болести, без оглед дали имаат симптоми или не.

– Децата се добри во тоа, затоа се затвораат училишта и тоа е добра мерка, рече Џон Едмундс од лондонската Школа за хигиена и тропска медицина.

Постојат и супер-сејачи кои исфрлуваат невообичаено големи количини на вируси од нивните тела, така што се заразува секој што ќе стапи во контакт со нив.

Болниците биле главен центар за ширење на Тешкиот акутен респираторен синдром (САРС) затоа што најтешките пациенти и најзаразните доаѓале во контакт со здравствените работници.

Според доктор Едмундс, суперширењето има голема улога на почетокот на епидемијата кога вирусот се обидува да „фати корен“.

Како што се наведува, кога ќе скокне на првиот пациент, болеста може да се распрсне пред да предизвика големо избувнување, но ако брзо го најде патот до суперпренесувач, тогаш тоа доведува до брзо зголемување на пациентите.

И во минатото имало суперширење – една жена од Ирска кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, која не знаела затоа што немала никакви симптоми, пренела тифус на 51 лице, а пред 20-тина години, еден средношколец од Финска со морбили заразил 22 лица. 

Please publish modules in offcanvas position.