Јапонскиот премиер разговараше со претседателот на Јужна Кореја

Новиот јапонски премиер Јошихиде Суга денеска, првпат од неговото именување на функцијата, разговараше со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин, повикувајќи го на подобрување на односите меѓу двете земји и соработка за спречување каква било закана од Северна Кореја.

Односите меѓу двете американски сојузнички во Азија значително се влошија во текот на изминатата година поради трговските проблеми и военото минато, особено поради проблемот со Корејците кои беа принудени да работат во јапонски компании за време на периодот кога Кореја беше под јапонска колонијална власт (1910-1945).

– Соработката меѓу Јапонија и Јужна Кореја, како и меѓу Јапонија, САД и Јужна Кореја е клучна за решавање на прашањето за Северна Кореја и други прашања, изјави Суга по телефонскиот разговор со Мун.

Тој додаде дека Јапонија „ќе продолжи да ја повикува Јужна Кореја да преземе соодветни мерки“, без да наведе други детали.

Разговорите беа на барање на Јужна Кореја, а Мун рече дека двете земји треба да го најдат најдоброто решение за прашањето за присилната работа на Корејците и дека Јужна Кореја и Јапонија се блиски пријателски земји кои имаат заеднички основни вредности и стратешки интереси.