Бројот на загинати во авионската несреќа на Филипини се искачи на 45 лица

Бројот на загинати во денешната несреќа на филипинскиот воен авион „Ц-130" достигна 45, вклучително и цивили кои настрадале за време на слетувањето на авионот на земја, соопшти Министерството за одбрана на Филипини.

Претходно беше соопштено дека во несреќата загинале 31 војник, а тамошните воени власти јавија дека 50 лица се спасени.

Авионот со 85 патници, тројца пилоти и седум члена на екипажот, денеска се урна при обид да слета на островот Џоло, во провинцијата Сулу, соопшти армијата.

Властите соопштија дека пилотите преживеале, но биле повредени, а дека за време на слетувањето на авионот на земјата биле повредени уште четворица локални жители.

Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите.

Засега не е позната причината за падот на авионот.

Многу војници од авионот неодамна ја завршиле основната воена обука и биле испратени на островот да се борат против тероризмот во овој претежно муслимански регион, пренесоа француските медиуми.

Филипинската војска во јужните делови од земјата со години наназад се бори против исламистичката организација Абу Сајаф, која Вашингтон ја смета за терористичка.