Авганистанките повторно излегоа на протест во Кабул со барања за почитување на човековите права

Авганистанките повторно излегоа на протест во Кабул со барања за почитување на човековите права

Голем број Авганистанки денеска повторно излегоа на улиците низ Кабул да ги побараат правото на работа и студирање, спротивставувајќи му се на се помрачниот талибански исламистички авторитаризам, јави ДПА.

Група од дваесетина активисти за женски права се собраа пред зградата што до неодамна беше Министерство за женски работи во авганистанскиот главен град Кабул, скандирајќи „женски права и човекови права“.

Талибанците вчера го укинаа Министерството за женски работи и го заменија со Министерството за промовирање на доблест и спречување на пороци, своевидно седиште на верската полиција, чија улога е да ја спроведе јавната пристојност и да се придржува до строгото толкување на исламот од страна на талибанците.

За време на претходниот режим на талибанците, во 1990-тите, застрашувачката верска полиција јавно ги удираше и тепаше жените кои се осмелуваа да излезат надвор без да го покријат целото тело.

Талибанците веќе им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште и на универзитетите им наложија да ги одделат часовите по пол, но, од друга страна, не откриваат за тоа колку индивидуални слободи планираат да им доделат на жените.

По заземањето на власта од талибанците, авганистанските жени одржаа неколкудневни протести низ целата земја во кои побараа од тврдокорните исламисти да ги почитуваат нивните човекови права. Меѓутоа, протестите беа насилно задушени.

Денешниот протест во Кабул очигледно мина без инциденти.