Русите го наполнија небото со авиони за да избегнат мобилизација

Русите го наполнија небото со авиони за да избегнат мобилизација

Над 1.300 лица се уапсени за време на протестите во Русија, по одлуката на Путин за делумна воена мобилизација за борба во Украина. Руската полиција не поштеди ниту жени и момчиња кои беа влечени по улиците. Дел од уапсените биле испратени директно како регрути во армијата.

Демонстрантите се собраа во 37 градови. Тие нагласија дека морале многу порано да ги наполнат улиците за да кажат НЕ на војната и да го запрат Путин.

„Требаше да се плашиме порано. Најлошото штотуку се случи“, рече еден руски државјанин.

„Јас не се плашам. Не се плашам од ништо. Највредното нешто што може да ни се одземе е животот на нашите деца. Не им го давам животот на моето дете. Моја должност е да го изразам мојот став. Без војна“; додава една Русинка.

Од друга страна, многу Руси резервираа билети во еден правец за да ја напуштат Русија. Цените на билетите веднаш се зголемија. Масовниот руски егзодус се појави и на FlightRadar, популарна веб-страница за следење на авионските летови ширум светот. Тие објавија кратко видео на кое се гледа воздушниот сообраќај од Москва и Санкт Петербург. На видеото се гледа дека сообраќајот е зголемен, а повеќето летови завршиле во Турција.

Некои билети за летовите од Москва до Истанбул и Дубаи се продаваа и за над 9.000 евра. Групата со седиште во Белград наречена „Руси, Белоруси, Украинци и Срби обединети против војната“, објави дека нема повеќе билети за летови од Русија до Белград до средината на октомври. Русите можат да влезат во Србија без визи.