Гугл објавува извештаи за движењата на луѓето

Гугл објави извештаи за состојбата во март во 131 држава од светот за тоа дали се намалила посетеноста на продавници, паркови и други места, откако многу влади наредија да се остане во домовите за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Анализите на Гугл за локациите на милијарди корисници на паметни телефони е најголемиот сет на податоци достапен за здравствените власти да имаат преглед дали луѓето го почитуваат карантинот.

Извештаите прикажуваат графикони со посетеност на метроа, автобуски или железнички станици, продавници и други места за период од пет недели.

Податоците со невладините истражувачи од неколку држави ги сподели и Фејсбук, што како и Гугл, има неколку милијарди корисници, но ги нема објавено јавно.

– Овие извештаи се развиени за да ни помогнат, но да се почитуваат нашите строги протоколи и политика за приватност, напишаа докторката Карен ДеСалво, членка на Гугл за здравје и Џен Фитцпатрик, потпретседателка на Гугл Геа, во објава на блог.

Од Гугл изјавија дека ги објавиле извештаите за да избегнат било каква несигурност за тоа што им предаваат на властите, во време додека во светот има расправа за рамнотежата помеѓу приватноста и потенцијалот на користење технологија за борба против коронавирусот.

Државите, како Кина, Сингапур и Јужна Кореа, од своите граѓани бараат да користат апликации и друга технологија за да може да го контролираат нивното почитување на карантинот, но активистите тврдат дека тоа може да ја загрози нивната идивидуална слобода.

Извештаите на Гугл користат податоци од корисници кои имаат овозможено „историја на локација“ на своите мобилни телефони. Корпорацијата нагласува дека усвоила технолошки мерки што обезбедуваат дека во извештаите не може да се идентификува ниту еден поединец.