Шекеринска:Повеќе од 12 милиони денари за унапредување на физичката подготвеност на припадниците на АРМ

Шекеринска:Повеќе од 12 милиони денари за унапредување на физичката подготвеност на припадниците на АРМ

 Повеќе од 12 милиони денари за унапредување на физичката подготвеност на припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) како еден од приоритетите за следниот период,  најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска за време на денешна посета на тетовската касарна „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово.

Таа потенцира дека оваа година ќе биде посветена на модернизација во различни делови од армијата бидејќи, според неа, АРМ има најголемо богатство во своите луѓе, војници, подофицери и офицери кои заслужуваат поголеми инвестиции.

– Како инцијатива на новото раководство на Генералштабот поголем акцент годинава ќе ставиме на физичките подготовки и способност на припадниците на АРМ. Минатата недела донесовме правилник со што армијата презема обврска за да ја поттикне поголемата физичка подготвеност на своите припадници практично да обезбеди спортска опрема, што досега не било случај и тоа во рок од следните три години . Годинава ќе почнеме со една третина од таа спортска опрема за сите припадници на АРМ.  Сметаме дека овој правилник ќе покаже колку е важна физичката подготвенот како и дека државата е подготвена да вложува во таа физичка подготвеност. За оваа година ќе обезбедиме повеќе од 12 милиони денари за спортска опрема за припадниците на АРМ, како и спортски справи за определени касарни и гарнизони за физичките вежби. Нашата војска заслужува повеќе средства и поголемо внимание и со ова ќе кажеме дека од војниците очекуваме повисоки стандарди, но и оти сме подготвени повеќе да вложуваме во нив, изјави Шекеринска.

Околу заложбите за дислоцирање на касарните надвор од урбаните центри министерката Шекеринска посочи дека НАТО нема правила, туку различни искуства околу ова прашање.

– Наједноставно е кога касарните се надвор од урбаните центри,  но има различни искуства. Најголемиот дел од касарните кај нас што не беа потребни за армијата и одбраната веќе се отстапени на голем број општини во цела Македонија. Постојните касарни нудат шанси и за локалната економија бидејќи вработуваат луѓе. Ако анализирате ќе видите дека многу од општините имаат корист од имањето касарна во нивната средина. Како војска мора да имате касарни и тешко е да се очекува некакво алтернативно решение за постојните објекти бидејќи секој квадрат е скап и тешко се доаѓа до нови капацитети. Ние како армија најавувме дека ќе имаме добра соработка со општините и годинава се надевам дека со неколку од најзагадените општини како Скопје, Тетово, Кичево ќе имаме заеднички акции за пошумување како инвестиција во подобра животна средина, изјави меѓу другото Шекеринска.

Осврнувајќи се на потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, таа потенцира  дека не се доволни само, подвлече, големите работи бидејќи потребни и се секојдневни мали успеси што ќе го подобрат животот и ќе ја подобрат армијата.

– Сакам да им честитам на сите припадници на армијата за високите пофалби што вчера не случајно ги даде генералниот секретар на НАТО, Столтенберг кој спомена дека армијата е еден од големите аргументи за нашето членство во НАТО и оти учеството на припадниците на АРМ во досегашните мисии и операции на НАТО покажа дека Македонија го заслужува своето место во Алијансата. Она што како Влада го повторувавме последниве две години го покажуваме и на дело, а тоа е дека таа служба кон татковината треба да се возврати со повеќе грижа. Затоа две години по ред ги покачуваме платите на припадниците на АРМ, затоа го решивме проблемот со чизмите и униформите, рече Шекеринска. 

Please publish modules in offcanvas position.