Заев изрази сочувство за геноцидот во Сребреница

Премиерот Зоран Заев во објава на својот Фејсбук профил во името на граѓаните на Северна Македонија изразува најдлабоко сочувство и солидарност кон семејствата на сите настрадани во Сребреница, но и за сите жртви коишто залудно го загубија својот живот во војната во Босна и Херцеговина.

– Поминаа 24 години од страшното злосторство против човештвото, кога во периодот од 11 до 23 јули во Сребреница и во нејзината околина, беа убиени повеќе од 8.000 припадници на бошњачкиот народ, но болката и сеќавањето остануваат. Тоа што се случи во Сребреница е еден од најголемите порази на цивилизациските вредности и лекција што мораме да ја научиме, еднаш засекогаш, пишува премиерот.

Тој додава дека како дел од семејството европски народи, ги делиме одлуките од Резолуцијата на Европскиот парламент од 15 јануари 2009 година со која 11 јули се прогласува за Ден за комеморација и најсилно се осудува геноцидот во Сребреница со апел дека таквите ужасни злосторства никогаш повеќе не смеат да се повторат.

– Злосторството против човештвото врз цивилното население во Сребреница засекогаш ќе остане потсетник за ужасите на војната и на екстремните форми на национализам, наведува Заев на Фејсбук. 

Please publish modules in offcanvas position.