Кој леб е најздрав?

Кој леб е најздрав?

Лебот има одличен вкус, одлично оди со многу јадења, но често слушаме колку е нездрав. Постојат цели диети насочени кон исфрлање на лебот и другите јаглехидрати од исхраната.

„Гледам многу клиенти кои мислат дека не треба да јадат леб, што е тажно за мене бидејќи лебот е одличен извор на цели зрна“, вели Натали Мокари, диететичар во Шарлот, Северна Каролина.

„Лебот може да биде дел од урамнотежена исхрана, а јаглехидратите се клучни за добро здравје“, вели таа.

Две до три дневни порции интегрални житарки, кои може да се најдат во лебот, можат да го спречат развојот на дијабетес тип 2, разни кардиоваскуларни болести и рак на желудникот, според студијата од 2017 година.

„Потребни ни се јаглехидрати за да функционираме“, вели Мокари. „Тие се храна за мозокот. Ако забележите, секогаш кога немате доволно јаглехидрати, се чувствувате многу тромо.

ПЧЕНИЦА И БЕЛ ЛЕБ

Дали постои вид леб кој е похранлив од другите? Тоа зависи од тоа што барате.

Пченичниот леб нуди повеќе витамини, цели зрна и растителни влакна и има помалку негативен ефект врз шеќерот во крвта, што може да биде корисно за луѓето кои имаат отпорност на инсулин, рече Мокари.

Но, некои луѓе едноставно сакаат бел леб, вели Мокари, и тој може да биде многу здрав.

„Ако сте загрижени за шеќерот во крвта, лебот може да биде дел од балансиран оброк доколку додадете здрави масти и протеини. На пример, ако подготвувате појадок, обидете се да го комбинирате тостот со јајца, авокадо или путер од кикирики. Без разлика дали се работи за интегрални житарки или бел леб, важно е да внесувате доволно протеини и масти со него“, вели Мокари, пренесува Си-Ен-Ен.

„ПОСКАПО НЕ Е СЕКОГАШ ПОДОБРО“

Цената на лебот може да варира, но секогаш можете да најдете нешто добро без оглед на буџетот што го имате. Поскапо не секогаш значи подобро“, рече таа.

„Доколку сакате леб, јадете го на начин на кој уживате, бидејќи ограничувањето на внесот на храна што ви се допаѓа може да резултира со контраефект, а тоа не е многу среќен начин на живеење“, рече таа.

Културата на исхрана натера многу луѓе да мислат дека ќе се здебелат ако јадат многу леб. Но, јаглехидратите служат за важна цел, а без нив може да се чувствувате тромо и раздразливо.

„Отстранете ја таа стигма од лебот и другите намирници со јаглени хидрати и вклучете ги како дел од урамнотежена исхрана“, рече Мокари.

„Треба само добро да се однесувате со вашето тело. Поздраво е да имате нерестриктивен начин на размислување и да го балансирате внесот на леб во текот на денот“.